Кодекс

1. Интернационалниот филмски фестивал Астерфест е активност што ја организира Асоцијацијата на фестивалски активности ТИВЕРИОПОЛСКА ФИЛМСКА АЛИЈАНСА Астерфест – Институт за краток и документарен филм, Струмица. Астерфест е внатрешна организациона форма на Асоцијацијата утврдена во член 16 од Статутот на организацијата. Оваа манифестација е иницирана, основана и промовирана од режисерот Горан Тренчовски и поддржана од група домашни и странски интелектуалци и филмски работници во 2005. Во зависност од партиципацијата во реализацијата, добредојдени се партнерства со поединци и институции, како и со други субјекти и фестивали од странство. Фестивалот се одржува секоја година во Струмица, Република Македонија, со скратена репризна програма на други места.

2. Фестивалот Астерфест има основна преокупација да го популаризира и афирмира професионалното филмско творештвото на авторите од цел свет и да врши приближување на филмските вредности до публиката, како и запознавање на фестивалските гости со струмичките реткости.

3. Фестивалски директор на Астерфест, според член 29 од Статутот, е Застапникот на Асоцијацијата Горан Тренчовски.

4. Покрај јадрото на членството од мрежата на организацијата, по потреба соработуваат и лица вклопени во телата (според член 6 од Статутот), кои делуваат на неодредено време, соодветно со ангажманот доверен од фестивалскиот директор. Тие имаат право да даваат предлози, сугестии, идеи за збогатување на програмата и за нејзина поефикасна реализација, но и да помагаат во разрешувањето на фестивалската проблематика. Програмата може да ја претставуваат селектори и куратори.

5. Основните пропозиции за учество на фестивалот Астерфест се следни:
-Од домашната продукција може да бидат одбрани еден до два филма во секоја категорија, при што пресуден е квалитетот и издржаноста на авторскиот концепт;
-Во официјалната компетитивна програма да бидат селектирани пред се кратки и документарни филмови произведени во последните две години, а во посебни склучоци и во првите пет месеци од рецентната година на одржување;
-Форматот за проекција да биде аналоген или дигитален видео носач, но во посебни случаи и запис на друга техника.
Деталните пропозиции за конкурирање ќе бидат образложени во посебен текст, ставен на веб сајт и електронски дистрибуиран.

6. Програмата се нуди по пат на пополнување формулар (ентри-форм), со директна понуда од авторите или продуцентите или со специјална покана од селекторот/фестивалот. Формуларот за пријавување ќе биде достапен на веб сајтот и електронски или печатено дистрибуиран, со точно наведени рокови за пријавување. Пријавувањето и прикажувањето на одбраните филмови е во склад со начелата на ФИАПФ.

7. Натпреварувачката програмска категорија Астердокс се однесува на креативните документарни филмови,
Програмската категорија Глобална фикција се однесува на кратките играни филмови.
Програмската категорија Анимак се однесува на анимираната краткометражна продукција.
Покрај натпреварувачката, може да има и некомпетитивна програма, како на пример: Една жена – еден филм (остварувања на женски автори), Мувиленд (блок на филмови од една национална кинематографија, која секоја година е различна), Мери-Дионс (автори од разни меридијани), Посвети (омажи и ретроспективи) и др.
Деновите на одржување на Астерфест се најмалку три, а најмногу шест, со тоа што фестивалот секогаш започнува во мај. Идеален термин за почеток на фестивалот е 27 мај.
Делата се прикажуваат во отворен или во затворен простор.

8. За натпреварувачката програма се доделува една главна награда Златна потковица за најдобриот филм/филмски автор, како и Сребрена потковица за второнаградениот и Бронзена потковица за третонаградениот филм/филмски автор. Исто така, се доделуваат и: специјално признание Старозлатен проектор, награда за најдобар светски краток игран филм, награда за најдобар анимиран филм, награда Мувиленд и награда Ацо Алексов за најдобар македонски автор.
Во зависност од квалитетот на програмата, може да се востановат и други специјални награди.

9. За наградите одлучува меѓународно жири од 3-5 членови составено од компетентни имиња. Одлуката за наградите треба да биде поткрепена со писмено образложение, верифицирана едногласно или со мнозинството гласови од членовите на жирито.

10. Филмскиот совет на предлог на фестивалскиот директор одлучува за доделување на наградата Астер на личност-режисер за посебни достигнувања од областа на филмот во меѓународни рамки. Може да се доделат и други специјални признанија и почесни награди.

11. Во оф-термините, како придружни форми на манифестирање може да бидат планирани и средби со авторите, промоции на филмска литература, поставка на изложби, мултимедијални настани, посета на историско-музејски и археолошки знаменитости на Струмица и околината, одржување на воркшопови, симпозиуми, мастеркласови, трибини, тренинзи, филмски портрети и слично.

12. Основни цели кон кои треба да тежи овој Кодекс се: взаемното почитување помеѓу организаторите, поканетите соработници и авторите; моралната и логистичката поддршка на носителите на концептот; добронамерните разговори поврзани со проектната фестивалска активност; и се друго што треба да придонесе за што поквалитено издание на Астерфест.

13. Овој Кодекс е своевиден правилник за организирање на фестивалот Астерфест. Неговото имплементирање треба да е во склад со Програмата за дејствување и Статутот на ТФА АФ Струмица. Составни и дополнителни документи на овој кодекс може да бидат и други акти кои ќе донесе Асоцијацијата.

14. Содржината на овој Кодекс не смее неовластено да се копира, преобјавува и злоупотребува.

15. Составен дел од овој Кодекс се пропозициите за учество и формуларот за пријавување на филмови